Во Охрид денеска започнува седмото издание на Фестивалот на нов европски филм – BEACH FILM FESTIVAL ОХРИД 2024 што ќе трае до 21 јули.
Како што информираат организаторите, овогодинешното издание нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински Центар Охрид.
Овогодинешното издание на фестивалот ќе го отвори филмот „Живи и Здрави“ (Forever hold your peace), а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови и тоа Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот ќе се прикажат и 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и филмови од домашната продукција, филмови на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов, а за музичката програма ќе се погрижат бендовите Sioto Jazz и Xarakiri, диџејките Baila, Dj MarТian и музичкото дуо SIZ.
Четиричленот жири годинава се состои од Julián Génisson (во соработка со шпанската амбасада), Karla Šola, Agim Abdula и Jenńi Ƶyĺka (во соработка со Гете Институт), кое ќе ги доделат наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување.
Дополнително, на фестивалот има и тричлено жири кое ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм, а кое се состои од Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски.
Годинава фестивалот се збогати со уште еден тип на програма – филмови за најмалите посетители и нивните блиски, кои ќе бидат прикажани на градската плажа Сараиште, каде што секој ден од 17 – 21 јули со почеток од 20 часот ќе има проекции на детски филмови и влезот е бесплатен.
OhridNews