Најновата аквизиција на Реал Мадрид, Маријано Дијаз е сопственик на дресот со бројот седум. Шпанецот со доминикански корени денеска имаше официјална промоција на Сантијаго Бернабеу после успешниот трансфер од францускиот клуб Лион.
Седмицата во Реал Мадрид претходните осум сезони беше резервирана за Кристијано Роналдо кој летово се пресели во Јувентус во трансфер вреден 100 милиони евра. Португалецот во првата сезона во Мадрид го носеше дресот со бројот 9, бидејќи тогаш се уште член на „лос бланкос“ беше Раул Гонзалес.
„Кралевите“ за услугите на Маријано кој младинските категории ги има поминато токму во Мадрид на Лион ќе му исплатат околу 30 милиони евра.
За реализација на овој трансфер најмногу притискал тренерот Хулен Лопетеги кој по заминување на Роналдо остана само со Карим Бензема како класичен шпиц.
OhridNews