Седми ден трае потрагата по туристот од Белгија, Националниот сојуз за планинско спасување (НСПС) денес со апел ако некој го забележал или го забележи да пријави.

Лицето последен пат е забележано во атарот на с.Лакајца, струшко, на 18-ти септември како се движи по позната патека High Scardus Trail и очекувано е да помине низ Вевчани, Охрид и НП Галичица се до манастирот Св.Наум, каде што завршува последната етапа од патеката. Замолуваме доколку некој го забележи или веќе го има забележано во изминатите денови, да ја сподели информацијата со операторите на 112 или да пријави во најблиската полициска станица, велат од НСПС.

Како што претходно информираа во соработка со Интерпол, Граничната полиција и колегите од Планинската спасителна служба од Косово, пребарани се етапите 14 до 20, на територија од македонска и албанска страна, но за жал, не е пронајдена ниту една трага од исчезнатиот турист.

Од СВР Охрид информираат дека станува збор за 72 годишниот Ј.М. од Белгија кој е пријавен за исчезнат на 18 септември од страна на амбасадата на Кралството Белгија.

Според пријавеното, посочија од СВР Охрид, лицето имал планирано рута за планинарење во реонот Охрид – Струга (Вевчани) – Дебар (Битуше) и на север кон Албанија. Со помош на дрон, извршена е потрага и опсервација на теренот, но лицето не е пронајдено и не се пронајдени предмети и траги кои укажуваат на присуство на лицето на наведениот терен.

Н.С.Ј.

фото. НСПС