Во рамки на седмата традиционална Кампања за борба против рак на дојка, насловена како „Напред розово 2015-чекори против ракот на дојка“, денеска во Скопје ќе се одржи розова прошетка.

Повеќе од 1.500 учесници ќе пешачат три километри и ќе испратат порака за важноста на раната дијагноза и поддршката на пациентите, како основен предуслов за победа над ракот на дојка.

Во прошетката ќе учествуваат сите граѓани на Македонија, вклучувајќи и организирано учество на поддржувачи на „Борка“ од Струмица, Куманово, Свети Николе, Штип, Велес, Охрид, Прилеп, Кавадарци, Битола, Македонска Каменица, Македонски Брод и Тетово.

По прошетката, како што информираат од „Борка“, ќе следува музички хепенинг со цел да им се овозможи луѓето, т.е. борците против ракот на дојка да се зближат, да се дружат и да го слават животот.

Кампањата за борба против рак на дојка е организирана од здружението „Борка-за секој нов ден“, во соработка со Амбасадата на САД во Република Македонија.

OhridNews

Извор:„МИА“