И покрај тоа што овој месец календарски
започнува пролетта вообичаено времето во март е  променливо. Дождот,
снегот, сланата и мразот кои често се присутни во текот на март  во
минатото предизвикувале страв и неизвесност кај нашиот човек кому
земјоделството, сточарството и овоштарството му биле основни извори на
егзистенција.

Поголем
број македонски народни поговорка, верувања и преданија се однесуваат
на времето и посебно на месеците сечко(февруари) и март. Нашиот народ
вели „Не менувај се во зборот како времето во марта“, што зборува за
непостојаното , пред се, лошо време во овој месец.

Во повеќе поговорки
се споменува и месецот сечко како студен месец но и како меѓник меѓу
зимата и летото. Најпозната е поговорката: „Сечко сечит, марта дерит,
април кожи продават“ Тоа значи дека: „ Сечко(февруари) е доста студен,
посебно за јагнињата, во март смрзнуваат доста јагниња, а во април им
се продаваат кожите, бидејќи тогаш доаѓале трговците со коњи“. Марко
Цепенков, пак, во своите записи забележал дека сечко рекол: „Ако не ми
е страв мене од баба Марта и стрика Коложега(јануари) го праам времето
толку студено што грнето на огно од едната страна да варит, а од
другата да мрзнит“.  

Меѓу
македонскиот народ се уште е живо и  популарно преданието за бабата што
што го навредила месецот па тој и се одмаздил замрзнувајќи ја на
планината. Во зборникот на браќата Миладиновци меѓу годишните обичаи од
Струга е забележано дека последните дни од марта се викаат бабини дни.
Миладиновци запишале:„ Последните дни од марта се викаат бабини дни,
кои обикновено сет студени и ветерливи. Тие дни се земени од априља,
еве како. Една стара жена по излегувањето од Марта, како виде че
времето беше топло и многу хубаво рече: „ Циц козица на планина, прдни
Марту на брадина“ и си излезе со козите на планина. На Марта и падна
тешко да се презират од една баба и рече на априља:„Априле, лиле, мој
побратиме, придај ми три дни да згубам баба“. Април и даде и захвати
таков студ, лапавици и ветришта, што бабата сосе кози замрзнала. И
денеска, велет, стојат каменообразни бабата и козите на Шар Шпланина“:

Во
охридско се верува дека времето може да биде студено додека не поминат
бабите. Тоа се три дена на крајот на март и се идентификуваат со трите
најстари баби во селото.  

Јасминка Т. Момироска