На Фетел кој во Абу Даби стартуваше од пол позицијата, но како третопласиран во Генералниот пласман, му се даваа малку шанси за триумф. Благодарение на одличното возење и неубедливото издание на главните конкуренти, 23-годишниот возач на „Ред Бул“ сосема заслужено го освои шампионатот.
Големиот фаворит, пилотот на Ферари, Фернандо Алонсо, кој инаку беше водечки во Генералниот пласман пред последната трка во Абу Даби не го издржа психолошкиот притисок и го освои само 7-то место, доволно само за второ место во првенството, а веднаш зад него беше вториот конкурент за титулата, клупскиот колега на Фетел, Марк Вебер. На крајот Фетел освои 256 бода, 4 повеќе од Алонсо.
– Немам зборови. Ова е неверојатна сезона за мене, исцрпувачка и физички и ментално, но ова е посебен ден за мене и за мојот тим. – изјави пресреќниот Фетел по завршувањето на трката што му ја донесе шампионската титула.
На пиедесталот покрај Фетел се искачија уште пилотите на Мекларен, Луис Хамилтон и сега веќе поранешниот шампион Џенсон Батон.
Тимот на „Ред Бул“ сезоната ја заврши со двојна круна, триумфирајќи и во Шампионатот за контруктори пред екипата на Мекларен.