Во рамки на кампањата „За безбеден раст на децата во Охрид“, што заеднички ја реализираа OhridNews и студио „Кинезио“ од месец декември, извршени беа бесплатни прегледи на учениците од шестите подделенија во основните училишта во општината. Она што радува е намалениот број на деформитети кај децата на оваа возраст, што според дипломираниот кинезитерапевт Јован Каланоски, се должи на зголемувањето на свеста кај родителите и децата за овој проблем
-За дваесеттина проценти е намален бројот на деформитети кај децата на возраст од 11 години во однос на минатите години, односно од речиси 80 на нешто над 55 проценти. Тоа се должи на актуелизирањето на проблемот преку медиумите, зголеменото внимание на наставниот и професионалниот кадар од оваа област, но и на зголемување на свеста кај родителите и учениците кои веќе сами се интересираат за своето физичко здравје.-изјави Каланоски.
Најкритична возраст е токму таа на шестоодделенците, кога настануваат големи промени на детското тело, се формира мускулатурата и коските, а тоа е и идеален период кога се уште може да се корегираат одредени деформитети, нагласува Каланоски.
Во рамки на кампањата што ја иницираше OhridNews, изминатиот период група од петнаесеттина деца со разни деформитети посетуваа бесплатни часови по корективна гимнастика во студио „Кинезиo“.
На барање на училиштата и родителите, проектот „За безбеден раст на децата во Охрид“, ќе продолжи и оваа пролет, овојпат со учениците од петтите одделенија. Прегледите за воочување на евентуални деформитети кај децата, како и претходно, ќе бидат бесплатни.
Најголем број на деформитетите кои се јавуваат на р’бетниот систем на децата, како кифоза, сколиоза, крив врат, се последица на недоволна физичка активност, неправилно седење, движење, но и родителско занемарување на растот и развојот на децата.
OhridNews