Според последните анализи на Министерството за здравство Охрид меѓу градовите со најголем опфат на вакцинација со прва доза на вакцина. 65,1 % од граѓаните примиле прва доза во Охрид. Директорката на Здравствен дом Охрид, Ајсел Зејноска вели дека во Охрид моментално се аплицираат вакцини од два производители.

Граѓаните во моментов ги вакцинираме со „Фајзер“ и „Синовак“. Вакцините од „Фајзер“ ги имаме во поголема количина. Со вакцината на „Астра Зенека“ повеќе не вакцинираме со прва доза, освен ревакцинација согласно добиеното соопштение на 18 октомври. Помал е и интересот од страна на граѓаните над 60 години за вакцинација со оваа вакцина. За вакцинирање со трета доза на почетокот заинтересираноста беше помала, но веќе се зголемува. Поголем интерес за третата доза има кај помладата популација која сака да патува во странство, вели Зејноска.

Во однос на местото за вакцинирање и работното време на вакциналниот пункт нема промени.

На ниво на држава вакцинацијата се одвива со добро темпо.

Заклучно со 17-ти октомври, со една доза на вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 49,4 отсто од населението над 18 – годишна возраст. Кај лицата над 40 – годишна возраст опфатот со една доза изнесува 57 отсто, кај лицата на возраст од 18 до 39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 33 отсто, соопшти денес Министерството за здравство.

Н.С.Ј.