Најмалку 36 лица го загубија животот, а 66 лица со повреди се хоспитализирани во грчките болници по синоќешниот судир на патнички и товарен воз кај месноста Темпи. во близина на грчкиот град Лариса.
Грчките медиуми објавија дека меѓу 350 патници во возот, поголемиот дел биле студенти кои по продолжениот викенд се враќале или дома во студентските кампуси.
Според официјалните информации од портпаролот на Противпожарната служба на Грција Василиос Ватракојанис операцијата за пронаоѓање на исчезнати е во тек и акцијата е фокусирана на првите три вагони.
Со помош на специјални кранови се отстрануваат делови од возот за да се создадат услови за целосен пристап во вагоните.
Интервенираат 150 пожарникари со 17 возила, четири кранови, а на располагање се 30 возила на брзата помош.
Приведено едно лице
Во рамките на прелиминарната истрага што е во тек за причините за синоќешната железничка несреќа кај Лариса, уапсено е едно лице, соопштија од Министерството за цивилна заштита на Грција.
Според грчката новинска агенција АНА-МПА, станува збор за одговорниот на железничката станица во Лариса.
Обвинителот од Лариса Стаматис Даскалопулос за АНА-МПА рекол дека се сослушува едно лице, покрената е постапка по службена должност и истакнал дека „се во рана фаза за комплетирање на случајот“.
Мицотакис: Че ги дознаеме причините за несреќата, за никогаш да не се повтори
Една работа можам да гарантирам: ќе ги дознаеме причините за оваа трагедија и ќе направиме се што е во наши раце за никогаш да не се повтори вакво нешто, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис од Темпи, од местото каде што најмалку 36 лица го загубија животот во железничката несреќа.
Мицотакис истакна дека она што денес го живеат како држава е многу тешко и станува збор за неопислива трагедија.
Паралелно, грчката претседателка Катерина Сакеларопулу ја прекина официјалната посета на Молдавија, се враќа во Грција, поконкретно се упатува кон местото на трагедијата.
OhridNews
Фото: Миа