Во екот на летната сезона, македонската Гранична полиција евидентираше два случаи на оштетување на возила на македонски државјани кои летувале во Грција, со што вкупниот број на оштетени возила за оваа година до сега изнесува четири.

Викендов на преминот „Богородица“, пријавено е оштетување на задното лево стакло, оштетена лајсна и оштетен преден браник со предна лајсна на патничко моторно возило „Мерцедес“ со скопски регистарски ознаки. Од страна на штипјанец, на преминот „Стар Дојран“, пријавено било дека на неговото возило додека престојувале во Грција скршено било лептир стаклото, возилото било отворено и одземен бил новчаник од сопатникот во кој имало возачка дозвола и лична карта на негово име.

Настаните се случиле во местото Пиреа, односно езеро Киркини и истите не се пријавени во грчката полиција.

Инаку, како што претходно МВР ја информираше јавноста, првото оштетување на возило на македонски државјани за оваа година беше пријавено на граничниот премин „Богородица“ од страна на лице од Прилеп, чие возило било оштетено со остар предмет додека било паркирано на аеродромот во Солун. Вториот случај беше пријавен од страна на охриѓанец.

Иако случаите биле пријавени во грчката полиција, оштетените не добиле Записник.

OhridNews