Се поголем е бројот на ученици кои се запишуваат во дуалните паралелки во трите средни стручни училишта во Охрид. Овој позитивниот тренд, за жал, не соодетствува со задржување на младите во Охрид и задоволување на потребите на бизнис секторот од стручен кадар, беше потенцирано на работната средба на тема „Учи паметно-работи стручно“ која се одржа во во просториите на РЦСОО „Ванчо Питошески“. Причините според инволвираните во проблематиката се системски.
Воведувањето на дуалното образование дава резулатите. Но, секогаш се поставува прашањето по завршување на образованието дали тие ќе останат тука да работат во соодветниот сектор или заминуваат надвор. Има и еден позитивен тренд кој се случува годиниве во Охрид, ученици од други градови доаѓаат и учат во стручните училишта и остануваат да работат тука. Во целиот регион се случуваат миграциите, не е само во Македонија и Охрид. И не се проблем парите, бидејќи и угостителите и фабриките во Охрид примањата кои ги нудат за потребите на едно просечно семејство или просечен личен доход се високи. Во најголем дел заминуваат од системот во државата, кој се надевам ќе се подобри. Најважно е правниот систем да почне да функционира и младите тука да ја гледаат иднината. Имаме одлична соработка со компаниите во градот и се повеќе компании сакаат да соработуваат со средните стручни училишта. Со носењето на новиот Закон за средно стручно образование со кој меѓудругото ќе се обезбеди и повеќе пракса се надеваме дека овие процеси ќе се подобрат, вели Јоне Станковски, помошник раководител на Сектор за јавни дејности при Општина Охрид
Сузана Наумоска, претставник од бизнис секторот, вели нема кадар, посочувајќи го сопствениот пример, но и незаинтересираноста на младите за пракса и желбата за брза заработка.
Ние растевме, бевме со 20 вработени, сега сме со четири. После короната многу потешко доаѓаме до кадар. Иако дуалното образование предвидува пракса за учениците, нивната визија е да ја напуштат нашата држава. Охрид е туристичко место и мислам дека не се проблем платите, кои се високи, но мислам дека го напуштаат системот со мисла за подобра иднина. Мислат дека ќе им се вреднува трудот повеќе надвор отколку тука. Често се судруваме со незаинтересираност на младите да следат пракса. Можеби се сеуште тинејџери, не се реализирани, но сакаат пари, да одат надвор и многу брзо да стекнуваат вештини. Можеби социјалните медиуми направија вештините да им ги доближат. Но, за да се стекнат вештини потребна е посветеност. Порано се започнуваше прво со три години чирак, па после 6-7 години создаваме профил на добар кадар, а после 15 година во самостојна работа ни даваа мајсторска диплома. Децата мислат дека се тоа можат сами, набрзина да достигнат до некоки вештини. Земаат и од АВРМ финансиски надомест со кој можат да почнат мал свој бизнис, но најчесто 10-20% остануваат на патот до претпримеништвото, другите опаѓаат, посочува Наумоска.
Решението го гледа во враќањето на култот кон образование и одговорноста, зголемување на свесноста на родителите, образовните институции и децата.
Директор на РЦСОО „Ванчо Питошески“ – Охрид, Тони Андрески, потврдува дека во последните три години колку во училиштето се реализира дуалното образование се зголемува константно бројот на запишани ученици.
Во поглед на недостигот на кадар и одливот на млади, проблем гледам и во Законот за вработување. Сите ученици кои завршуваат во средните училишта може да работат келнер, помошник готвач или рецепционер. Ако би имало некои измени во Законот за вработување, бидејќи бараме елитен туризам, барем 50% од вработените во хотелите и рестораните да се вработени со завршено средно угостителско училиште мислам дека би се зголемил и борјот на ученици кои ќе се запишат и самите угостителски и хотелски капацитети би добиле повеќе вработени, потенцира Андрески.
Директорот на СОСУ „Св.Кирил и Методиј“ – Охрид, Ристе Јанкоски потенцира дека голем е интересот за еконосмките струки, а учениците по завржувањето имаат можности за вработување.
Најголем е интересот за изучување на е-трговија и дигитален маркетинг, како и дуалното образование во струката економски техничар. Последниве години интересот е доста голем. И профилот за медицинска сестра традиционално секоја година е исполнет до последното место. Трнедот на заминување од нашата земја е доста голем и треба да се поведе сметка повеќе да се задржи кадарот, да се стимулираат да останат. Економските струки се доста барани на пазарот и учениците по завршувањето имаат можности за вработување, додава Јанкоски.
Со надминување на предизвиците и инвестирање во иднината може да се создаде успешен модел на дуално образование кое ќе биде од корист на сите учесници, посочи директорот на ОЕМУЦ „Св.Наум Охридски“ – Охрид, Сашо Недески.
Само со цврска соработка и партнерски однос на сите чинители во дуалното образование ќе се обезбедат услови да се надмине проблемот со недостиг на квалификувана работна сила што е крајна цел на образовниот концепт, додаде Недески.
Н.С.Ј.
фото. Г. М.