Бројот на загинати во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани достигна 59, повредени се 155 лица. Дел од нив критично.
Како што пренесува Тв Телма, меѓу загинатите е и Андреј Ѓорѓиески, фронтмен на бендот ДНК кој синоќа настапуваше во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Меѓу загинатите е и младиот струмичанец Горги Горгиев (24), тапанар на групата ДНК, Филип Стевановски, придружен член на ДНК, а според најновите, информации, загинале и фотографот на групата Александар Ефремов и придружниот вокал на групата Сара Пројковска, за која потврда стигна од Факултетот за музичка уметност.
Меѓу загинатите во пожарот во дискотеката во Кочани е и припадник на Министерството за внатрешни работи, вработен во Полициската станица во Пробиштип. Како што изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, животот го загубил полициски службеник од ПС Пробиштип, кој во моментот бил службено ангажиран, односно постапувал по претходно изготвен план за контрола на угостителски објекти во делот на недозволена трговија со дрога и присуство на малолетници во дискотеката, во која изби пожарот.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани загина и директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип, Филип Стевановски, потврдија негови блиски, пренесува порталот СДК. Неговиот автомобил е сѐ уште покрај дискотеката. Стевановски беше музичар, професор во Средното музичко училиште „Сергеј Михајалов“ во Штип, кој на функцијата дојде на 24 јануари. Своето музичко образование Стевановски, како пијанист и тромбонист го стекнал во Македонија, а неколку години се доусовршувал и во САД. Завршил два факултета, џез и класична музика и беше магистер по џез студии.
Моментот на почнување на пожарот
Дискотеката „Пулс“ всушност е приземна куќа со еден прозорец на кој имало решетки, и еден мал влез кој воедно бил и излез. Лоцирана е во густо населена населба. Посетител кој успеал да се спаси за медиумите сведочи дела пожарот избил околу 2:30 часот кога прскалките запалени на сцената го зафатиле таванот обложен со стиропор. Набргу се слушнала екпслозија по што паднал покривот што предизвикало паника кај присутните кои во ист момент се упатиле кон излезот на единствената врата во објектот.
Министерот за внатрешни работи Тошковски во изјава за медиумите рече дека интензивно се работи на расветлување на случајот и се анализира се што може да биде поврзано со синоќешниот пожар во Кочани. Приведени се повеќе лица, а за четворица распишана е централна потерница.
Жртвите и повредените во пожарот во Кочани се на возраст помеѓу 16 и 24 години.
Најголем дел од настраданите во дискотеката во Кочани загинале како последица на стампедо предизвикано од паниката по избувнувањето на пожарот во дискотеката, изјави директорката на општа болница со проширена надлежност Кочани, Кристина Серафимова. Во паниката сите се втурнале кон единствениот излез од дискотеката, што довело до трагедија. Загинатите и повредените се на возраст помеќу 16 и 24 години.
Дел од повредените во критична состојба ќе се лекуваат во соседните земји.
По наредба на премиерот Росен Жељазков, авион Спартан на бугарското воено воздухопловство отпатува за Република Северна Македонија кој во бугарските болници ќе превезе пет лица тешко повредени во пожарот во градот Кочани, соопшти бугарската Влада. Три млади деца со изгореници, повредени во пожарот во дискотеката во Кочани ќе бидат пренесени во болницата Папаниколау во Солун. По наредба на српскиот претседателАлександар Вучиќ, Министерството за одбрана и Армијата на Србија итно испратија 14 лекари и медицински персонал и пет возила на брза помош за да им укажат помош на повредените во синоќешната несреќа во Кочани.
Меѓународната заедница солидарна со Македонија
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изрази жалење за трагичната загуба на животи во пожарот во Кочани.
ЕУ се солидаризира со народот на Северна Македонија во ова тешко време, напиша на социјалните мрежи Фон Дер Лајен.
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска со генералниот секретар на НАТО Марк Руте разговарал за пожарот во Кочани, при што станало збор за можно активирање на системот на НАТО за справување со кризни ситуации.
Верските заедници изразија сочувство за трагедијата во Кочани
Светиот архијерејски синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија изрази сочувство до семејствата на загинатите и побрзо оздравување на повредените во трагичната несреќа што се случи во дискотека во Кочани.
Папата Франциск, преку телеграма потпишана од кардиналот државен секретар Пјетро Паролин упати порака на сочувство по пожарот во ноќен клуб во Северна Македонија, во кој животот го загубија речиси 60 лица, претежно млади луѓе.
Г.М.