Забрзување на процедурата за посвојување деца, давање подолги рокови за премислување на родителите што ги напуштиле своите деца, како и зајакнување на капацитетите на институциите и вработените вклучени во процесот за посвојување, предвидуваат новите измени и дополнувања на Законот за семејство, кои вчера ги разгледуваше собраниската Комисија за труд и социјална политика.
Причина за измените и дополнувањата се согледувањата на стручна Комисија од Министерството за труд и социјална политика дека децата, пред да бидат посвоени, престојуваат во установите или во друго семејство повеќе од една година.
Според стручните лица, долгиот престој на децата остава трајни последици врз правилниот психофизички раст и развој. Оттаму, било констатирано дека е потребно да се намали времетраењето на престојот на децата во установите или другите семејства и да се намалат роковите на постапување на надлежните институции вклучени во постапката за посвојување.
-Со овие измени треба да се унапреди целокупната постапка за посвојување на деца без родители и родителска грижа. Со скратувањето и дефинирањето на роковите на малолетното дете ќе му се овозможи позитивна средина за развој во новото семејство на можните посвоители, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој пред Комисијата ги образложи измените и дополнувањата.
Според предлогот, сега детето ќе може да биде сместено во семејство на можни посвоители по девет месеци откако е утврдено дека не се знае престојувалиштето на неговиот родител. Претходно, тој рок изнесуваше 12 месеци, што значи дека периодот во кој може да почне посвојувањето е скратен за три месеци. Се намалува и рокот во случај кога не е потребна согласност од родител, за дете кое една година е сместено во институција или друго семејство и кој не пројавил интерес за детето, од една година на девет месеци.
Исто така се предвидува намалување на роковите за постапување на надлежните институции и комисии кои се вклучени во постапката за посвојување на деца без родители и родителска грижа со цел да се обезбеди најсоодветна и најдобра заштита на интересите на децата.
OhridNews