Битката помеѓу АВ Охрид, Фени Индустри и Кожув за шестата позиција, која последна води во плејофот од кошаркарската елита ќе биде во фокусот во финишот од Првата лига.
Охридските кошаркари се во најдобра позиција, но имаат далеку потежок распоред од Кожув и Фени Индустри. „Галебите“ на домашен терен ги пречекуваат аспирантите за титулата Работнички и МЗТ Скопје, додека гостуваат кај Карпош Соколи. Од овие три мечеви на охриѓани неопхнодни им две победи за сигурно учество во плејофот, без разлика што ќе направат двата ривали.
Фени Индустри, моментално се наоѓа на шестата позиција, но има меч повеќе од АВ Охрид. Кавадарчани синоќа победија со Пелистер пред своите гледачи и си ја завршија својата работа во 20-та рунда. Фени Индустри сезоната ќе ја заврши со гостување кај Шкупи и меч со Блокотехна на домашен терен. Во случај на ист број на бодови со АВ Охрид, шестата позиција ќе ја зачува охридскиот состав поради подобриот меѓусебен дуел.
Вистинска закана за АВ Охрид и Фени Индустри е тимот на Кожув. Гевгелискиот состав лошо ја започна сезоната, а во тек се екипираше и стигна да се бори за плејофот. Кожув ќе биде на вистински испит кај Пелистер, додека во последната рунда го пречекува Шкупи пред своите гледачи. Во случај на ист број на бодови со АВ Охрид, пласман во плејофот ќе обезбеди Кожув, а во мини табела со трите екипи билетот за учество на плјеофот ќе му припадне на Фени Индустри.
Охридските кошаркари заостанатиот меч со Работнички го играат во петок во 18 часот, а дуелот од 21-та против МЗТ Скопје закажан е за в недела со почеток во 17 часот.
OhridNews