Продолжува санацијата и ревитализацијата на стариот Чинар во срцето на чаршијата, кој поради својата старост и значење, е прогласен за природна реткост. Денеска на помош на тимот предводен од професорот Јане Ацевски, дендролог и раководител на катедрата за дендрологија при Шумарскиот факултет во Скопје, под чиј стручен надзор се имплементира Проектот за санација на оштетувањата и ревитализација на Чинарот, што го реализира Општина Охрид, а го изведува овластената компанија „Форест Фагус“ од Скопје, дојде и механизација.
Поради големите оштетувања на стеблото на Чинарот, кои излегоа на виделина откако од него беше извадена шиндрата и другите несоодветни материјали, се поставуваат метални потпори за механичка стабилизација на илјадалетното дрво.
Покрај ова, се отстрануваат трули делови од стеблото и се кастрат гранки. Како што истакна проф. Ацевски, со преземените активности ќе се смени обликот, формата на Чинарот, меѓутоа тој нема да изгуби од автентичноста, уште повеќе ќе се гледа дека се работи за нешто многу старо и многу вредно.
Целта не е нешто што е многу старо да го подмладиме, туку да го сочуваме и да му го продолжиме векот. Така и со овој Чинар, ќе се потрудиме да му го продолжиме животниот век, да остане за поколенијата и да се фалиме во светски рамки дека имаме стебла коишто се стари преку 1000 години. – изјави за OhridNews дендрологот Ацевски.
Г.М.