Здружението за заштита на животни Animal World од Струга во соработка со општината Струга деновиве започна со кастрација и стерилизација на бездомните кучиња, со цел да се намали нивната бројка и хумано да се реши овој долгогодишен проблем.

Од општина Струга информираат дека кастрираните и стерилизираните кучиња ќе бидат соодветно обележани со жолта маркица при што граѓаните ќе можат лесно да ги препознаат.

Од Здружението за заштита на животни Animal World појаснуваат дека со стерилизацијата можноста за агресивно однесување на кучињата опаѓа за цели 99%.

-Масовната стерилизација и вакцинација на кучињата е единствен валиден механизам кој обезбедува ефикасно и трајно намалување на бројката бездомни кучиња со која се гарантира и јавната безбедност на населението. Трошоците се разумни, еднократни и исплатливи. Од друга страна отсуство на примена на програмата „залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“, отсуство на казнени мерки при напуштање миленик и неконтролиран расплод, како и примена на нехумани практики (труење) само го продлабочува проблемот и создава прекубројност, потенцираат од здружението.

Оттаму информираат дека агресивноста кај бездомните кучиња може да се јави во три случаи. Во случај кога има мајка со малечки, во случај кога кучка е во период на парење, кога мажјаците се во фаза на натпреварување и кога едно куче ќе биде напуштено од својот сопственик, исфрлено на улица или дислоцирано од една на друга територија – која му е непозната, нова и на која се обидува да опстои.

-Научните истражувања и светските најдобри практики се децидни – со стерилизациј кастрација на животните се смирува нивниот хормонален статус, немаме мајки со малечки, нема глутници , раздразливост и компетитивност, велат од Animal World. 

Инаку пред неколку месеци во Струга се случи немил инцидент, кога возрасен стружанец беше нападнат од поголема група на кучиња скитници.

OhridNews