Руменка Миовска Кузманоска е сопственик на половина од куќата со број 27 во населбата Лагадин во Охрид. Сопственикот на другата половина пред повеќе години поднел барање пред надлежните институции да го урне делот со кој располага и на тоа место да си изгради самостојно своја куќа, за што наводно според Кузманоска тој добил одобрение во јуни оваа година. Таа смета дека со тоа се прекршени низа закони и дека издаденото одобрение е спротивно на Планот за управување со Охридскиот регион, кој беше донесен на барање на УНЕСКО за заштита на заштитеното светско природно и културно наследство.

Со издаденото одобрение за градење на 22.06.2020г. на инвеститорот му се дозволува да ја сруши неговата половина од објектот бр.27 во средишниот дел на населбата Лагадин и на тоа место да изгради нов. Тоа, со оглед на конструкцијата и квалитетот на градбата на постојниот објект, неминовно ќе предизвика губење на стабилноста на другата половина која е моја сопственост – факт кој е потврден и со доставеното до Општината стручно  ислење изработено од градежниот факултет во Скопје. Ова претставува не само кршење на моите законски сопственички права туку и закана по животите на луѓето од моето семејство. – се жали Руменка Миовска Кузманоска.

Таа обвинува дека во целата постапка постои обид за заобиколување на законската обврска за спроведување и применување мерките и критериумите содржани во Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион кој е донесен на 21.01.2020г. врз основа на Законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, како и дека наводно имало малверзации со датумите во постапката.

Од Општина Охрид информираат дека барањето за издавање на одобрение за градење на инвеститорот за изградба на објект на предметната локација во Лагадин датира уште од 24.11.2016 година и дека истото е поднесено електронски преку електронскиот систем е-одобрение за градење. Општината ги отфрла изнесените наводи и обвинувања на Кузманоска, посочувајќи дека Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион нема ретроактивна важност.

Предметната управна постапка до овој момент се уште е во тек и не завршила со правосилен управен акт. Во насока на наведеното, а во врска со сомневањето дека издаденото одобрение за градење е спротивно на критериумите и мерките содржани во Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион, истакнуваме дека Одлуката за начинот на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации како и за времен прекин на постапки за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти бр.08-3172/3 од 18.03.2020 година усвоена од Советот на Општина Охрид, не се однесува на отпочнати постапки за издавање на одобрение за градење. Постапката за издавање на одобрение за градење за предметниот објект е започната со поднесување на барање од страна на инвеститорот и тоа на ден 24.11.2016 година. Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион е донесен многу подоцна односно на 18.02.2020 година (Сл.Весник на РМ бр.45/20), па истиот не може да се применува на веќе започнати постапки за издавање на одобрение за градење. – објаснуваат од Општина Охрид.

Имајќи го предвид наведеното, Општина Охрид во целост постапува согласно Законот за градење и Правилникот за начинот на спроведување на постапката за издавање на одобрение за градење, стои во информацијата која ја добивме од Локалната самоуправа.

Во однос на наводните околности што ги има наведено подносителот, а кои би можеле да доведат до драстично нарушување и промена на статиката на конструктивниот систем на објектот, од Општина Охрид напоменуваат дека во постапката за издавање на одобрение за градење инвеститорот ја обезбедил целокупната потребна документација согласно Законот за градење вклучително и елаборат за техничко решение за рушење на дел од објект и заштита и стабилност на преостанатиот дел од објектот како и Градежен проект за заштита на градежна јама.

OhridNews