Зинедин Зидан, еден од најдобрите светски фудбалери не ја исклучува можноста да се врати на активното играње фудбал.
Зизу од кариерата се прости со гол и црвен картон во финалето од Светското првенство 2006 година во Германија, против Италија.Од тогаш во јавноста е присутен со појавување на повремени хуманитарни натпревари. Во разговор за L’Equipe, Зидан потврди дека размислува за враќање на зелениот терен !
„Кога ќе престанете да играте фудбал, доаѓа пауза која е многу пријатна. Но, истовремено ви недостигаат и некои моменти. Ме привлекува помислата за враќање на фудбалот. Само не прашувајте ме како мислам да се вратам, зошто едноставно не знам. Можеби ќе можам тоа да ви го кажам следниот пат“, рече Зидан.
По заминувањето, Зидан повремено се поврзуваше со настап во американското фудбалско првенство, но францускиот генијалец досега не покажуваше интерес за заминување во МЛС.
За начинот на кој се прости од активното играње фудбал и црвениот картон во инцидентот со Марко Матераци одговори кратко: „Добро е што ме прашавте еднаш за секогаш да ја заклучиме таа тема. Секако дека сакав поинаков крај на кариерата. Но се случи тоа што се случи, и ќе морам со тоа да живеам до крај на животот.“
Зидан е еден од четворицата француски фудбалери кои имаат одиграно повеќе од 100 натпревари за репрезентацијата( 108 натпревари 31 гол) и еден од четворицата светски фудбалери кој бил стрелец во две различни финалиња на Светско првенство.
Г.М./Totalsport
Фото: AFP