Лицата кои беа на продолжено породилно отсуство, како и хроничните болни чија здравствена состојба утврдена од лекар специјалист го дозволува тоа, од денеска се враќаат на работните места.

Оваа владина одлука предизвика реакции кај семејствата чии деца не можат да се запишат во градинка, а родителите не се во состојба да ангажираат лица за нивно чување. Од владата информираат дека слободни места во градинките има и дека состојбата се следи на дневна основа во секоја градинка во земјата. При тоа било утврдено дека во голем број градинки родителите не ги пуштаат своите деца иако ги запишале. Министертвото за труд и социјална политика апелира до тие родители да ги отстапат местата на семејствата кои навистина имаат потреба од градинка.

Што се однесува до хронично болните, од министерството за здравство појаснија дека целта на мерката е да се издвојат лицата кои поради сериозната здравствена состојба треба да бидат поштедени од работа за да се заштитат од вирусот Ковид 19 од тие заздравеле заздравеле од болеста.

 

Владата на вчера одржаната седница ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести во врска со отворањето на студентските и средношколските ученички домови. Тие ќе бидат отворени со почитување на Протоколите за сместување со дополнување дека во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.

Поради ова на предлог на Министерството за образование и наука, Владата до Собранието ќе достави Предлог – закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог – закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.

Со измените содржани во овие предлог закони, се уредува дека во услови на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди), на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија.

Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.

Се оценува дека заради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.

Г.М.