Како што информира министерот за економија, Беким Незири, со новите измени и дополнувањата на Законот за возила, усвоени на владината седница од 3 јуни, задолжително ќе се мерат и контролираат издувните гасови на возилата од станиците за технички преглед, пред да се изврши регистрација на возилата.
Во измените се вградени одредби кои значително ќе го подобрат функционирањето на станиците за технички преглед, техничките служби и органот за одобрување. Со измените се овозможува поефикасен надзор врз спроведувањето на Законот за возила и подзаконските акти кои произлегуваат од страна на Министерството за економија и Министерството за внатрешни работи.
Со законот се пропишани одредби кои покрај другото предвидуваат скратување на рокот за издавање на одобрение за единечно возило од 15 на 7 работни дена, со што ќе се зголеми ефикасноста во работењето на органот за одобрување, а истовремено се воведуваат заштитени обрасци на кои ќе се печати потврдата за сообразност и согласноста за регистрација, со што ќе се спречи можноста за нивна злоупотреба.
Измените овозможуваат и финансиски олеснувања за земјоделците и сточарите, бидејќи наместо досегашната нивна обврска за регистрирација и технички преглед на тракторите секоја година, сега тие имаат обврска регистрацијата да ја извршат на секои шест години, а прегледот за техничка исправност на тракторот на секои две години.
Се воведува и облигаторно мерење и контрола на издувните гасови на возилата од страна на станиците за технички преглед, при постапката за проверка на техничката исправност на возилата, пред да се изврши регистрација на возилата. Досега, контролата се вршеше инцидентно, само во случај на сомнеж, а измерените податоци не се внесуваа во Регистарот на возила. Сега записите од измерените вредности на мерењето на издувните гасови, се воведуваат како задолжителни документи при регистрација на возилото.
Предвидено е и зголемување на безбедноста на возилата во кои е вграден уред за погон на течен нафтен гас, при што надлежноста за давање на овластување на правните лица кои вршат вградување на ваков уред сега ќе ја има Министерството за економија, наместо Министерството за внатрешни работи.
Со законот се утврдува техничкиот преглед на возилата да трае најмалку 10 минути за патничките автомобили и 20 минути за автобуси и товарни возила.
OhridNews