Во употреба се воведува европскиот број за итни повици Е-112. Во случај на нерсреќа, граѓаните ќе можат да се јават на овој број и да го пријават настанот. Во исто време, преку координација од Центарот за управување со кризи (ЦУК) ќе се ангажираат сите единици, полицијата, итната медицинска помош и бригадата за противпожарна заштита. Се уште остануваат во функција телефонските броеви 192, 193, 194.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција нагласи дека новиот број 112 е потребно да го знае секој граѓанин. Ја истакна сериозноста на професионалните обврски кои ќе ги имаат примателите на повик, односно телефонски оператори, кои ќе се јават од Скопје, но и од останатите простории низ државата. Примателот на повик, како што рече, треба да ја води жртвата, треба да ја одржи во живот доколку се наоѓа во животна опасност.

Раководител на проектот и на секторот 112 во ЦУК Душко Петровски информира дека целта е да се спроведе како единствен европски број за итни повици со цел да му се помогне на населението во случај на загрозување на нивните животи или материјални добра на државата. Во 2020 година почнала адаптација и реконструкција на шест оперативни центри. 

Покрај оперативниот центар во Скопје, како центри се Тетово, Битола, Штип, Охрид, Струмица и Велес и последниот осми регионален центар ќе биде во Куманово. Италијанската компанија „Бета 80“ која го доби тендерот за набавка на средства и опрема со која сме во секојдневен и постојан контакт ги обезбедува сите врски, средства и опрема информатички за функционирање на 112, комуникациската поврзаност помеѓу овие центри, како и обуката која претстои и која треба да претстои во наредниот период, изјави Петровски.

Оваа платформа ќе означи мултијазична поддршка за граѓаните коишто ќе се јавуваат, без разлика дали се работи за македонскиот, албанскиот јазик, англискиот јазик и јазици коишто се најзборувани во ЕУ. Овозможува поддршка на разни групи на граѓани со посебни потреби – слепи лица, лица коишто имаат потешкотии со говорот или за неми лица и исто така ќе функционира со прием на повици преку СМС или прием на повици преку социјалните мрежи.

OhridNews