Еден заљубен пар во Швајцарија за малку ќе останел без венчавка, бидејќи со себе не ги повеле неопходните сведоци, но благодарение на двајца полицајци церемонијата сепак била одржана. Швајцарецот и неговата невеста со шпанско потекло се појавиле на свадбената церемонија во Цирих без двајца неопходни сведоци. Венчавката требало да биде тајна, па затоа не ги известиле членовите на семејствата и пријателите, но по нивното доаѓање добиле информација дека не можат да се венчаат без присуство на двајца сведоци.
Бидејќи не сакале да ја одложат церемонијата за некој друг ден, одлучиле да замолат двајца полицајци кои патролирале по улицата да им бидат сведоци, на што тие се согласиле па парот набрзо стапил во брак. Локалната полициска станица издала соопштение во кое пишувало дека полицајците само си ја вршеле својата работа.