После неколкумесечни шпекулации, официјално е потврдено, Бред Пит и Анџелина Џоли се венчаа. Веста ја соопштил портпаролот на холивудскиот пар, кој прецизирал дека венчавката била одржана во саботата, 23 август во Франција. Актерите се венчале во мала капела во замокот Миравал, на југот на Франција, во церемонија без верски обележја, во присуство на семејството и пријателите. Како што пренесуваат агенциите, сите шест деца на парот учествувале во свеченоста. Анџелина прошетала до олтарот следена од своите двајца најстари синови, Медокс и Пакс, додека нејзините ќерки Захара и Вивен фрлале цвеќе. Шајло и Кокс ги следеле носејќи ѕвонци.
Анџелина и Бред добиле дозвола за венчавка од калифорнискиот судија кој допатувал во Франција како би ја одржал церемонијата. Заедно се од 2005 година кога се запознале на снимањето на филмот „Господин и госпоѓа Смит“. На Бред ова му е втор брак, претходно пет години бил оженет со Џенифер Анистон, а на Анџелина трет. Двата пати била во брак со актери, најпрво со Џони Ли Милер, а потоа со Били Боб Торнтон.