Еден од лебедите кои се вгнездени на Охридското крајбрежје на езерото веќе подолго време бил повреден и имал потреба од стручна ветеринарна помош. Од Здружението за заштита на животни „Анималиа“ од Охрид кои не информираа за оваа состојба, велат дека надлежните институции се уште не презеле мерки за да му помогнат на оваа птица.

-Во тек сме со случајот на повредниот лебед и се залагаме да се санира таа состојба, но за жал ние како невладина организација не смееме да пристапиме кон решавање на тој проблем затоа што и не сме стручни во однос на третманот на птиците, а и немаме ингеренции. Должни се од Агенцијата за храна и ветеринарство да ја алармираат Охридската локална самоуправа, која што е должна да го реши тој проблем со лебедот. Меѓутоа по претходните контакти и одредени информации кои се доставени до нас, сите креваат раменици и ја префрлаат одговорноста, велат од „Анималиа“.

Оттаму се надеваат дека овој повреден лебед нема да ја доживее судбината на повредениот лебед кој беше сместен во Зоолошката градина во Битола каде што угина.  

-Претходно, поради несериозноста на инстиуциите, ние како здружение исто така се залагавме да му помогнеме на повредениот лебед. Тогаш со помош на општинските ветринарни инспектори, обезбедивме истиот да се смести во Зоолошката градина во Битола. Но поради несоодветните услови таму, наместо да биде излекуван, лебедот бил нападнат и изеден од  лисиците, раскажуваат активистите на „Анималиа“.

Тие нагласуваат дека црвеноклуните лебеди се еден од препознатливите белези на Охридското Езеро и дека треба да се води поголема грижа за нивниот опстанок.

 OhridNews