Охридската локална самоуправа се уште ги нема избрано идејните решенија за уредување на централниот плоштад „Св.Климент Охридски“ и малиот плоштад „Крушевска Република“ иако крајниот рок од Јавните конкурси за пријавување на идејните проекти истече на 22-ри декември минатата година.

Според информациите кои ги добивме од надлежните во општина Охрид, пристигнатите идејни решенија се во фаза на разгледување, а комисијата за избор во најскоро време ќе треба да ги избере најдобрите решенија.

-На Јавниот конкурси за централниот плоштад пристигнати се односно пријавени се 4 идејни решенија, а за плоштадот кај Чинарот се пристигнати 3 идејни решенија. Во моментов тече фазата на разгледување на идејните решенија, а откако ќе биде направен детален увид во секое од нив поединечно, комисијата треба да ги избере најдобрите, информираат од општинската служба за односи со јавност.

Според Јавниот оглас за новото идејно архитектонско решение за партерно и хортикултурно уредување на главниот плоштад ,,Св.Климент Охридски”, потребата за уредување на овој јавен простор е показател за степенот на развој на урбаната култура на локалното население.

Предметниот простор кој е оплеменет со културно историски споменици, зеленило, декоративни садници, цветен сезонски материјал и нуди убави места за одмор, прошетки, место за организација на културни и забавни манифестации, во моментов е привлечен но истовремено му недостасуваат квалитетни  содржини, за создавање на модерно урбано  катче и понуда која во текот на целата година ќе ги првлекува домашните и странски посетители. Целата на овој конкурс е изработка на идејно архитектонско решение со кое ќе се добие едно усогласено, интегрално партерно решение на градски плоштад, пишуваше во јавниот конкурс.

Создавање модерно урбано катче привлечно за граѓаните и туристите, кое ќе придонесе за развој на културата, туризмот и урбаното живеење во Охрид, треба да бидат главните цели на новото идејно архитектонско решение за партерно и хортикултурно уредување кое ќе биде избрано за плоштадот ,,Крушевска Република”. Според Јавниот конкурс за избор на идејно решение, уредувањето на овој простор ќе придонесе за создавање на плоштад со амбиентален стил, кој ќе овозможи поефикасна организација на манифестации и ќе биде пријатно место за прошетка.

-Имајќи го во предвид значењето и местоположбата на предметниот опфат, од изготвувачите на конкурсното решение се очекува да изработат квалитетно идејното архитектонско решение кое ќе може целосно да се вклопи во постојниот амбиент со максимална функционалност, автентичност и естетика, пишувше меѓудругото во објавениот конкурс.

Право на учество на двата конкурси имаа домашни и странски правни лица регистрирани за вршење на дејноста-предмет на конкурсот и домашни и странски физички лица, дипломирани архитекти или студенти по архитектура. Секој од учесниците имаше право да учествува со по еден труд. 

Прва награда за најдобро идејно решение од овие конкурси е во висина од 80.000 денари, втората награда е во висина од 25.000 денари, а третата награда е во висина од 20.000 денари. Овие награди истовремено ќе претставуваат и откуп на авторските права и обештетување на авторите во целост.

Е.М