Се уште е во тек подготовката на новата Програмата за поставување на времени објекти со која општина Охрид ќе ги дефинира локациите и процедурите за стекнување на право за нивно поставување и користење.

Од Секторот за урбанизам при општина Охрид информираат дека нацрт верзијата на оваа програма е веќе изработена.

-Во моментов се вршат консултации и со Министерството за транспорт и врски бидејќи на таа програма за времени објекти согласност треба да издаде министерството. По издавањето на согласноста, Советот на општина на Охрид оваа програма треба да ја постави на дневен ред и да ја усвои. Според Законот за градење, времени објекти може да се поставуваат на неуредено градежно земјиште и со упатството кое е донесено од страна на министерството. Во законот е дефинирано кои дејности може да се обавуваат во времените објекти, изјави Бранко Арнаудов, заменик раководител на Секторот за урбанизам.

Надлежните објаснуваат дека постапката за отстранување на постоечките времени објекти е во тек и се постапува во согласност со издадени решенија за отстранување.

-При селекција на времените објекти кои ќе бидат отстранети, се одлучи најпрво да бидат дислоцирани оние објекти кои не беа во функција и на кои имаше изложено огласи дека се издаваат под закуп. Според законот, времен објект не може да се издава под закуп и во истиот може да обавува дејност само она лице кое добило согласнот да го користи, истакна Арнаудов.

Инаку отстранувањето на времените објекти во Охрид започна на почетокот од минатата година. Во неколку наврати корисниците на објектите се жалеа дека немаат целосни информации за целокупната постапка и бараа од надлежните да покажат разбирање за нивната егзистенција. Во истиот период од локалната беше потенцирано дека дел од објектите треба да се отстранат, бидејќи не се во согласност со урбанистичките решенија и планови и го нарушуваат амбиентот и функционалноста на просторот.

Е.М