Поради појава на свлечиште на патниот правец Охрид-Ресен-Прилеп на обиколницата кај Битола, сообраќајот се уште е во прекин, а возилата се пренасочуваат низ градот Битола, информираат од АМСМ.

Исто така поради санација на свлечиште, од денеска затворена за сообраќај за тешки товарни возила и автобуси ќе биде делницата од браната Маврово до село Маврово. Според најавите, санацијата на свлечиштето ќе трае два месеци, а сообраќајот за лесни возила ќе се одвива по постоечка девијација согласно сообраќајниот проект за времен режим на сообраќај одобрен од Министерството за транспорт и врски. Сообраќајот за тешки товарни возила и автобуси може да се одвива преку село Леуново.

Инаку утрово сообраќајот на државните патишта се одвива по суви коловози. АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата.

OhridNews