Над 1000 метри квадратни зеленило во строгиот центар на Охрид е уништено за изградба на паркинг простор што ќе го користат новоизградените објекти на кејот.
Повеќе хотели и елитни куќи започнаа да градат паркиралишта во зелениот појас , а дел од нив покрај парковната површина, ги присвоија и тротоарите каде исто така е предвиден зелен појас.
„Према сите хотели кои го узурпирале просторот на тротоарите поднесени се пријави, барања за поведување прекршочна постапка, а што се однесува за самиот кеј, за жал со ДУП донесена е одлука за проширивање на таа улица со паркинг простор од двете страни на сметка на паркот“, ни изјави раководителот на општинскиот инспекторат Танас Танасоски.
Од општинскиот инспекторат објаснуваат дека за уништувањето на паркот нема да одговара никој бидејќи со ДУП за крајбрежјето донесен во 2001 година било предвидено проширување на коловозот на кејот од сегашните 6 на 11 метри за изградба на паркиралиштата од двете страни на улицата.
Легалното уништување на зеленилото на градскиот кеј е уште една потврда за силното влијание на градежните компании и локалните моќници врз работата на локалната самоуправа. Иако спорниот ДУП за крајбрежјето го донесе минатиот состав на Советот и градоначалник, актуелното градско раководство не се ни обиде да ја промени одлуката на своите претходници со која неповратно ќе биде уништен паркот во строгиот центар на Охрид.
Г. Момироски