Православните христијани ги практикуваат обичаите кои се изведуваат за време на верските празници, но само колку да ја продолжат традицијата од претците.

Во анкетата што спроведе „Оhridnews“, најголемиот дел од анкетираните, 36 проценти, одговорија дека Велигденските празници ги пречекуваат само со изведување на обичаите. Околу 22 проценти од читателите се изјаснија дека многу малку се обрнува внимание на духовното, а 21 проценти признаа оти се трудат достојно да го одбележат празникот, но сепак не доволно.112 анкетирани или 17 проценти од вкупниот број испитаници, празникот над празниците, Велигден, го дочекуваат со пост и молитва. Најмалубројни се оние кои воскресението Христово го одбележуваат со телесен пост. Во анктета беа вклучени 750 читатели.

Во текот на последниве години, граѓаните се повеќе и се враќаат на верата и ги полнат световните храмови, особено за време на големите празници.

„На Велигден, воскреснувајќи Христос ја победил смртта еднаш засекогаш, со што таа претставува врата  кон вечноста, а не крај на нашето биолошко битисување на земјата. Токму затоа, сите христијански верници го слават воскресението Христово“, ја објаснува големината на овој ден, отец Сашо Ристески, свештеник во парохијата „Свети Никола“-Долна Влашка маала.

Отец Сашо потврдува дека православните христијани масовно ги посетуваат верските објекти. Дилемата кај него, но и кај вистинските верници е зошто, верниците да не ја изучуваат религијата уште од најмала возраст кога и се формираат како личности.

На почетокот од оваа учебна година кога 70 проценти од родителите се определија нивните деца да ја изучуваат веронауката, а само 30 проценти беа  неопределени по ова прашање или против, црковните лица ги заинтригира прашањето, дали навистина народот се враќа кон сопствената вера.

„Се прашуваме како е  можно во една православна земја, во лулката на православието, земја која е повеќе пати спомната и во Библијата, да биде укината верската поука во образовниот систем. Ние сме секуларна држава, но не сме и атеистичка“, вели отец Сашо Ристески.

Сепак, додава тој, и покрај сите сатански искушенија, црквата верува дека луѓето ја враќаат својата вера и ги полнат масовно храмовите, особено за време на празниците.

Масовното враќање во црквата, социолозите го објаснуваат со опаѓањето на животниот стандард и потребата кај луѓето да веруваат во определени вредности.
Дел од нив се на ставот дека живееме во општество со поместени морални вредности и дека верата е таа која има константен морален систем на кој припадниците можат кога било да и се вратат и да ја почитуваат.

„Ohridnews“ деновиве беше помеѓу учениците. Без разлика што мислат нивните родители, поголемиот дел од децата се изјаснија дека сакаат да ја изучуваат религијата, а некои дури потврдија дека се подготвени да научат нешто повеќе и за останатите религии.

Александра Ристоска