Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг синоќа во Минхен изјави дека сè укажува дека „Русија планира целосен напад“ на Украина, пренесе Бета.

Сите се согласуваме дека ризикот од напад е многу голем, изјави Столтенберг за германската телевизија АРД во Минхен, каде што учествува на Минхенската безбедносна конференција.

Неименуван претставник на Алијансата претходно изјавил дека НАТО го префрлил својот персонал во Украина од Киев во Лавов, во западниот дел на земјата, и во Брисел, за да ја осигура нивната безбедност.

Безбедноста на нашиот персонал е најважна, така што персоналот е преместен во Лавов и Брисел. Канцелариите на НАТО во Украина остануваат оперативни, рекол претставник на НАТО, без да го прецизира бројот на персоналот.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа во телефонски разговор со неговиот француски колега Емануел Макрон изјави дека Украина нема да одговори на руските провокации на истокот и е подготвена за дијалог со Русија, пренесе Бета.

За денеска е закажан телефонски разговор меѓу Макрон и рускиот претседател Владимир Путин.

Од друга страна, претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел планира веднаш да свика специјален самит на европските лидери во случај на руски напад врз Украина.

Тоа ќе обезбеди обединета одлука за санкциите, рече денеска Мишел на Минхенската безбедносна конференција и додаде дека во изминатите неколку недели биле подготвени различни сценарија за оваа цел.

Неколку западни земји веќе ги префрлија своите дипломати од Киев во Лавов, град во близина на границата со Полска, во очекување на можна руска воена акција.

Австриската авиокомпанија АУА соопшти дека од утре ќе ги прекине летовите кон Киев и Одеса, а одлуката ќе важи до крајот на февруари.

Летовите до Лавов ќе продолжат и во моментов АУА лета на таа линија три пати неделно.

АУА нагласува дека безбедноста на патниците и вработените е приоритет и оти состојбата во Украина редовно се следи.

И германската авиокомпанија Луфтханза вчера соопшти дека од утре ќе ги прекине летовите до и од украинските градови Киев и Одеса.

OhridNews