Голем број верници и почитувачи на традицијата денеска присуствуваа на богослужбата во црквата Св. Никола Болнички кај Долна порта, по повод празникот Св. Николај Чудотворец Мириклиски (Св. Никола летен).

По богослужбата присутните се послужија со пеано лепче и осветена вода.

Кум на празникот оваа година беше Гоце Илчески, сопственик на гостилница Боем, кој организираше скромно чествување, збогатувајќи го празнувањето на светителот кон кој има голем култ во Охридско.

Убава празнична атмосфера во црквата Св. Никола Болнички

Православната црква на 22 мај го одбележува денот кога биле пренесени моштите на Св. Никола во Бари. Во времето на царот Алексеј Комнен и на патријархот Никола Граматик, во 1087 година телото на овој светител било пренесено од Мир Ликиски во градот Бари во Италија. Тоа се случило пред налетот на исламот на Ликија.

Криптата со моштите на Св. Никола

Светителот му се јавил во сон на некој чесен свештеник во Бари и му заповедал неговите мошти да се пренесат во тој град. Во тоа време градот Бари бил православен и под православен патријарх. При преносот на моштите на Светителот се случиле многу чуда, како од допирот на моштите така и од мирото коешто изобилно се леело од нив.

Црквата Св. Никола во Бари

Во старото градско јадро на Охрид меѓу куќите кај Долна Порта се наоѓаат двете мали цркви кои се познати како „болнички цркви“. Покрај црквата „Св. Никола Болнички“, тука е и црквата „Св. Богородица Болничка“. Биле наречени „болнички“ поради нивната местоположба во Болничката Маала, т.е. во делот од градот каде што некогаш се наоѓала болницата.

Иако со споредна улога во верскиот живот на градот, болничките цркви привлекуваат внимание со нивната повеќевековна историја, а се истакнуваат со архитектонска посебност и други уметнички вредности. Затоа се заштитени со закон како споменици на културата.

Црквата „Свети Никола Болнички“ изградена е и живописана во 1313 година од непознат зограф.

Г. Момироски

Слово за болничките цркви