Подрачната единица на ФЗОМ во Охрид , го отвори конкурсот за склучување на договори со здравствени установи, за 2010 година. Конкурсот ќе трае до 13 ноември, а на него ќе може да се пријават сите јавни и приватни ординации кои ги задоволуваат критериумите на Законот за здравствено осигурување.

Понудите за склучување на договорите треба да се достават заедно со комплетната документација на здравствената установа. Основни документи за склучување на договорите се дозвола за работа која е добиена од Министерството за здравство, тековна состојба на ординацијата земена од Централен регистар и потварда за платен придонес за задолжително здравствено осигурување, издадена од ПЕ на Фондот за здравствено осигурување, се објаснува во јавниот оглас на конкурсот.


Се склучуваат нови договори за работа со сини картони

За текстот кој треба да го содржи понудата за аплицирање и за другите детали околу начинот на конкурирање, заинтересираните здравствени установи ќе може да се информираат во ПЕ на ФЗОМ во Охрид, секој работен ден до 16.00 часот.

Со новиот конкурс се очекува зголемување на досегашниот број на ординации од Охрид кои ќе работаат со сини картони, затоа што е зголемен бројот на ординации кои ги исполнуваат условите за работа. Доколку ова се оствари, ќе се придонесе за повисок квалитет на здраствените услуги кои им се пружат на осигурениците.

За 2009 година од поширокото охридско подрачје со ФЗОМ покрај, охридските Јавни здравствени установи, договори за работа  имаа склучено и вкупно 89 приватни ординации. Осигуреници на фондот добиваа примарна здравствена услуга во 37 ординации по Општа медицина, во 9 Специјалистички ординации и кај 35 општи стоматолози. Договор за работа со сини картони имаа и 4 специјалистички стоматолошки ординации, две лаборатории и  два сервиса за оптика.  

               Е.Е.