Иако маскарата се вбројува во најчеста и најбарана шминка, не е никакво чудо што секој месец се јавуваат нови со некој посебен, невиден или веќе виден ефект. Инаку, првата маскара е изумена одамна, во 1913 година и се состоела од јаглена прашина и вазелин. Од тогаш не слегува од врвот на козметичките декоративни производи. Поради неа трепките се поубави, подолги, погусти и извиткани, па на жените не им е проблем да издвојат и поголема сума на пари за својот неизбежен примерок.

 

Пред секое подолго некористење на маскарата, треба да се провери дали е остарена, исушена или рокот на употреба е поминат. Таквите маскари може да предизвикаат здравствени проблеми на очите. Исто така, би било добро кога пред првата употреба би ја измиле четкичката под топол млаз вода, за несаканите грутки да се измијат, ако случајно стоела подолго во продавниците.

Никогаш немојте повеќе пати со ред да ја туркате четкичката во тубата, бидејќи тоа допринесува за уништување на четкичката, создавање на грутки, и со тоа маскарата побрзо се суши и троши. Секогаш кога ќе го нанесете првиот слој на маскарата на трепките, причекајте една  минута додека малку не се исуши, бидејќи трепките во спротивно ќе се залепат и нема да изгледаат привлечно.Повторете ја постапката онолку пати додека не го постигнете посакуваниот ефект. Се зависи од вашата желба и вкус. Ако случајно згрешите при нанесувањето или ви остане боја на капакот од очите, тоа поправете го со влажни марамчиња или чепкалки за уши.

Што се однесува до бојата на маскарата, нив ги има во разни варијанти на бои. Може да изберете од класична црна, виолетова, сина, па дури и тиркизна. Кај посветлите особи, најдобро изгледа кафената маскара, бидејќи делува поприродно отколку црната.
Немојте да заборавите дека маскарата се нанесува кога веќе сме готови со останатата шминка.