Деновиве извршена е сеча на дрвја в долж патеката од мостот на каналот „Студенчишта“ кон Горица, каде ќе продолжи изградбата на пешачко рекреативната патека.
Сечата на дрвјата предизвика реакции во јавноста и коментари по социјалните мрежи. Дел од граѓаните отворено искажаа негодување што се сечат дрвја за да се гради, посочувајќи примери во светот каде урбанизацијата се адаприра на природната конфигурација на теренот.
Други, пак, сметаат дека дрвјата наместо да се сечат, можело да се вклопат во новата патека, потсетувајќи ги надлежните дека луѓето рекреираат на тој простор токму поради природниот амбиент, кој доколку се наруши не може да се надомести ниту со најубави вештачки градби. Наместо да се садат палми, кои не прилегаат на Охрид, подобро ќе биде да се зачуваат и заштитат автохтоните видови дрвја кои се препознатлив белег на градот, се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Според најавите на локалната самоуправа новата патека, ќе се гради етапно до Горица, која како што велат оттаму ќе претставува убавo уредена променада соодветно вклопена во природниот амбиент и место за релаксација и разонода, кое ќе го разубави овој дел од крајбрежјето и позитивно ќе влијае на развојот на туризмот.
OhridNews
фото: „Фејсбук“