Бедемот на Долни Сарај е целосно реставриран и реконструиран, со што е заштитен овој значаен споменик на културата. Ова меѓу другото беше истакнато при посетата на министерката за култура Елизабета Канческа Милеска на овој локалитет, која беше придружена од градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и директорката на Завод и Музеј, Тања Пакали Бунташеска.
– Се работи за целосна конзервација на ѕидните платна на бедемот на Долни Сарај за што од буџетот се издвоени 2,8 милиони денари. Имаше многу оштетувања на бедемот и спречивме опасност, бидејќи доста туристи се движат во овој дел.-рече министерката Канческа Милеска. Таа најави дека во соработка со локалната самоуправа овој локалитет наскоро и ќе се илуминира.
Министерката за култура денеска го посети и Плаошник каде во тек се градежни работи од проектот за возобновување на Свети Климентовиот универзитет, како и црквата Св. Богородица Перивлепта, каде во тек се археолошки истражувања и обновување на фрескоживописот на оваа исклучително вредна црква.
– Динамиката на Плаошник се движи според планот и се надевам дека до 2018 година ќе имаме можност да го промовираме целокупниот комплекс на Свети Климентовиот универзитет вклучувајќи го и партерното уредување. Што се однесува до црквата Св. Богородица Перивлепта архитектурата е целосно завршена и дрнежата. Стручен тим тим од 14 конзерватори работи на обновување на фрескоживописот на црквата. Конзервацијата до сега трае 10 месеци, остануваат уште толку до завршувањето. – рече Канческа- Милеска.
Градоначалникот Бакрачески истакна дека грижата за културното наследство е од исклучитечно значење, затоа што стратегија на Охрид и локалната самоуправа е промоција на вредното културно – историско наследство во функција на развој на туризмот.
– Презентацијата на културното наследство би требало да биде наш најсилен адут во развој на туризмот во иднина, рече Бакрачески.
Директорката на Завод и Музеј Тања Паскали Бунташеска истакна дека институцијата продолжува со активности за заштита на културното наследство во градот, посочувајќи дека во тек се повеќе проекти кои се одвиваат според зацртаната динамика.
OhridNews