Градоначалникот на Општина Струга, Рамиз Мерко и директорката на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Мирјана Лозаноска, денеска, извршија увид над работите за реконструкција на улиците во старото градско јадро во Струга, при што беше искажано задоволство од квалитетот и динамиката на работите.
Со проектот ќе се запази автентичноста на градот со тоа што повторно се поставуваат старите камени блокови, но врз нова квалитетна подлога, а патем значајно се подобрува и останатата инфраструктура преку поставување на нови водоводна мрежа и нови кабловски линии на ЕВН, Македонски Телеком и другите провајдери на слични услуги за населението од овој дел на градот, истакна градоначалникот Мерко.
Со проектот, што го имплементира Центарот за развој на Југозападниот плански регион, опфатена е реконструкција на улиците „27 Март“, „Браќа Миладиновци“, „Нико Нестор“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ чија должина е 600 м и површина од 3.600 метри квадратни.
Со реконструкцијата, беше потенцирано, значајно ќе се подобрат условите за одвивање на сообраќајот и за пешачење низ стариот дел на Струга.
Вкупната инвестиција е 18 милиони денари, при што средствата се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, односно Бирото за регионален развој преку Програмата за регионален развој и од Општина Струга, како партнер во проектот.
Активностите во Струга се дел од проектот „Поддршка на регионалниот економски развој преку туризмот, културата и другите економски дејности“.
Во рамките на овој проект денеска е извршен и технички прием над работите за партерно уредување на Туристичкиот центар во Вевчани.
Имено, површината од околу 900 м е уредена со нови подни камени блокови, потпорни ѕидови, а и извршено и поставување на канделабри и надворешно осветлување на објектот. Инвестицијата е 4,6 милиони денари.
OhridNews