Иако од 16 јуни стапи на сила задолжителната примена на дигитални тахографи во автобусите и камионите, тие до крајот на годинава нема да се употребуваат. Ова се должи на одлуката на надлежните институции да го пролонгираат периодот на примена на возачките (мемориски) картички, што требаше, да се користат заедно со тахографите.
Според најавите новиот датум за реализација на оваа законска обврска е 31 декември годинава, односно додека Република Македонија не почне со издавање на картички за дигитални тахографи.
Инсталирањето на тахографите е предвидено со новиот Законот за работно време, задолжителни одмори на мобилни работници и уреди за запис во патниот превоз. Според него без дигитален тахограф тешките товарни возила над 3,5 тони нема да можат да патуваат во Европската унија. Дигиталните тахографи ќе овозможат попрецизно евидентирање на бројот на часови на патување и одмор на возачите. Ќе може да се вчитува брзината на движење на возилото и ќе се зголеми безбедноста на сообраќајот.
Законот за тахографи, е усогласен со европските директиви, а изработен во соработка со синдикатите и здружението на автобуски превозници. Направата ги снима сите активности на возилото, поминатата километража, брзината и времето поминато во возење, како и периодите во кои возилото одмора. Системот вклучува печатач, кој може да биде употребен при патна инспекција, додека возачот поседува картичка во која е инкорпориран микрочип, која тој мора да ја инсертира во тахографот кога презема контрола врз возилото. На овој начин се поедноставува процесот на контрола.