Владата на 70-та седница што се одржа вечерва, на предлог на Комисијата за заразни болести, донесе измени на Протоколот за отворање и работа на кафетериите и на Протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана со кои овие објекти ќе можат да работат според работното време утврдено во нивните лиценци за работа, наместо до 22:00 часот како што до сега беше определено со овие протоколи.

Измените на овие протоколи стапуваат во сила со денот на нивното објавување во „Службен весник“.

На денешната седница е донесена Уредба со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година, со која, согласно Законот за финансирање на политичките партии, вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се намалуваат и ќе изнесуваат 0,04 проценти наместо од 0,15 проценти од вкупните изворни приходи на Буџетот на државата со цел спречување на дополнително оптоварување на Буџетот и како една од економските мерки кои се преземаат за справување со последиците од коронавирусот КОВИД-19, соопшти Владата.

Toa значи дека партиите нема да ги добијат предвидените речиси 5 милиони евра од буџетот, туку еден милион евра.

OhridNews