Ексклузивната вила и имот на Беверли Хилс, во која се снимани сцени од филмскиот класик „Кум“ на режисерот Френсис Форд Копола, се продава за 135 милиони долари, пренела американската тв станица ABC. Вилата со имотот, позната како „Beverly house compound“, своевремено била сопственост на новинскиот магнат Вилијам Рендолф Херст и актерката Мерион Дејвис. Легендарната филмска градба сега ја продава финансискиот експерт Леонард Рос кој истата во 1976 ја купил за два милиони долари. Росњ вели дека високата цена е сосем оправдана бидејќи, како што наведува, станува збор за инвестиција чија вредност со годините само ќе расте.

Инаку, во вилата се снимани и сцени од филмот „Телохранител“ со Витни Хјустон и Кевин Костнер. Во неа една година својот роденден го славела пејачката Ријана, забави приредувал принцот Алберт од Монако, а во неа дел од медениот месец минале и поранешниот претеседател Џон Кенеди и неговата сопруга Џеки. Имотот се простира на шест хектари земја, а вилата поседува 30 спални соби и 40 тоалети, како и двокатна библиотека, спа, огромен дневен престој, голем базен, сала за билијард, а сопственикот посебно ги стакнува таваниците кои се рачно насликани и изрезбани.