Екстравагантната вила која некогаш му припаѓала на славниот италијански моден креатор Џани Версаче ќе биде ставена на продажба на 17 септември, соопштила аукциската куќа Фишер која ја организира лицитацијата. Минатата година, раскошната резиденција во Мајами, која се простира на 23 илјади метри квадратни, била проценета на 125 милиони долари.
Изградена во 1930 година, вилата има десет спални соби, 11 тоалети и голем базен украсен со мозаик и обложен со 24-каратно злато. Италијанскиот креатор куќата ја купил во 1992 година и платил огромни пари за нејзиото реновирање. Во јули 1997 година тој бил убиен токму пред оваа вила. Околностите и мотивите останале неразјаснети се до денес. Куќата извесно време служела и како хотел за ексклузивни гости.