Општина Охрид во соработка со Македонското лимнолошко друштво реализира проект насловен како: „Регистрирање на гнездата на лебедите и нивна заштита во Охридското Езеро со цел одржување на биодиверзитетот“.

Проектот се однесува на црвеноклуниот лебед  именуван како „нем лебед“кој живее на Охридското Езеро. Основна карактеристика која го издвојува од останатите лебеди е  црвениот клун , во чија основа се наоѓа јасно изразена црна грба. Овој лебед се размножува еднаш годишно, се гнезди од април до мај во гнездо изградено од трски и пердуви на островца сместени на тешко пристапни места и во појас на трска , во близина на брегот или на самиот брег.


Во тековната 2010 година , со оглед на специфичните хидрографски услови и неповолноста во гнездовиот период – изразито висок водостој на Охридското Езеро, успешноста на гнездење во однос на број на гнездови парови, како и бројот на излежани млади, е видливо помала, споредено со следениот период од 1993-1998.г. Моментално во Охридското Езеро, во каналот Студенчишта ,има еден гнездов пар и 5 млади и во Подмоље еден гнездов пар со  три излежани млади.


Во следната фаза на проектот  предвидено е  маркирање на лебедите со прстенување и подигање на јавната свест преку организирање на јавни трибини, изработка на информативни табли, едукативни флаери и брошури.

Кон крајот на годинава, кога и се очекува да заврши проектот, ќе бидат презентирани резултатите од истражувањата и предвидените мерки за заштита на лебедите со цел одржување на биодиверзитетот .

Ohridnews