Во тек се преговори за постигнување договор за тридневен хуманитарен прекин на огнот во Појасот Газа во замена за ослободување на десетина заложници кои ги држеше Хамас, пренесе Бета.

Ова го изјавија двајца функционери од Египет, еден од ОН и еден западен дипломат под услов да останат анонимни.

Договорот ќе овозможи повеќе помош, вклучително и ограничени количини гориво, да се достави до опколената палестинска територија за да се олесни влошената ситуација за 2,3 милиони жители.

Преговорите се водат со посредство на Катар, Египет и САД.

Египетски функционер рече дека деталите од договорот биле разговарани оваа недела во Каиро за време на посетата на шефот на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) и израелска делегација. Истиот извор рече дека посредниците го финализираат нацрт-договорот.

Висок американски функционер изјави дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден предложила должината на паузата да биде условена со ослободување на одреден број заложници.

Доколку се постигне договор за времетраењето на паузата и успешно се спроведе, на ист начин може да се воспостават дополнителни паузи и ослободување заложници.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека по привремениот прекин на огнот треба да следи ослободување на заложниците.

Според договорот, хуманитарната помош ќе биде доставена низ Појасот Газа, вклучувајќи го и северниот дел кој е во фокусот на израелските воени операции за уништување на Хамас.

Беше предложено Хамас да ослободи десетина цивилни заложници, од кои повеќето имаат странски пасоши, а на посредниците да им се даде комплетен список на киднапираните.

На Меѓународниот комитет на Црвениот крст ќе му биде дозволено да ги посети заложниците.

Војната меѓу Израел и Хамас започна на 7 октомври, а бројот на убиени Палестинци во средата надмина 10.500, меѓу кои и повеќе од 4.300 деца, соопшти Министерството за здравство во Газа.

На окупираниот Западен Брег, повеќе од 160 Палестинци беа убиени во насилство и израелски напади.

Повеќе од 1.400 луѓе беа убиени во Израел, повеќето на првиот ден од нападот на Хамас, а околу 240 заложници беа однесени во Појасот Газа.

OhridNews