Се предлага полицискиот час да трае две недели колку еден епидемиолошки циклус, тогаш кога очекуваме да има вистински резултат. Можеби ќе има измена на таа препорака.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој во образложението на донесувањето на предлогот на Комисијата за заразни болести за воведување на полициски час од 22 часот навечер до 5 часот наутро, на територија на цела држава рече дека евидентно било дека во изминатите десет дена бројот на заболени се зголемува.
Инциденцата најмногу е зголемена во Скопје, Кавадарци, Неготино, Прилеп и во Охрид. Тоа се реперкуира на начин што има зголемен прилив н пациенти во болниците. Во Кавадарци е целосно исполнето Инфективното и дополнителните одделенија и почна да работи и модуларната болница. Исто е во Прилеп, а ние гледаме тука во Скопје има секојдневно се поголем број случаи кои бараат хоспитализација и затоа во функција се врати модуларната болница до Инфективната клиника и повторно се спремни сега сите интерни клиники. Тоа го организиравме денеска во текот на утрото како што беше во ноември, посочи Филипче.
Ударот кон болниците во смисла на прилив на нови пациенти, потенцира министерот, не е така нагол, како што беше на почетокот на ноември и тоа е една значајна разлика без оглед на зголемувањето на инциденцата.
Многу е тешко сега да се каже дали ќе продолжи тој тренд или ќе се достигне некое плато односно дали бранот кој сега се јавува ќе биде идентичен на тој во ноември. Тука има поделени мислења на епидемиолозите. Но, ние мора да сме внимателни и спремни и во таа смисла препораката на Комисијата за заразни болести е да има ограничување на движењето после 22 часот поради тоа што сметаат дека има групирање после затворање на угостителските објекти без почитување на превентивните мерки на јавни површини, простори итн., додаде Филипче.
Тој рече дека освен предлогот за воведување полициски час засега нема да препорачаат други мерки, како што е одложување на пописот.
Засега не, сакаме да го ублажиме овој тренд на зголемен прием на пациенти кон болниците, така што гледаме и нови мерки и други препораки будно ја следиме состојбата. Засега освен ова не препорачуваме ништо друго, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе побараат одложување на полицискиот час.
Филипче рече дека засега не се планираат дополнителни мерки за справување со ширењето на Ковид-19 во однос на работата на угостителските објекти и групирањата преку ден на јавни простори, во паркови и на игралишта. Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за медиумите кажа дека за работата на угостителските објекти има протоколи што треба да се спроведуваат, како и ограничувања за групирањата на јавни простори. Тој го пренесе апелот на Комисијата за заразни болести до инспекторатите да ги интензивираат контролорите за почитување на мерките.
Засега не, можно е и тоа да се случи. За угостителските објекти има протоколи и се што треба е да се почитуваат. Инспекоратите може и Комисијата за заразни болести апелираше, свесни се дека се на терен и под притисок, но колку може таа работа да се интензивира во смисла на контрола и проценка дали се почитуваат препораките или не, рече Филипче.
На новинарско прашање дали размислуваат за полициски час, како и лани за време на Рамазанските пости, кои почнуваат во април, Филипче потенцира дека се уште е рано да се каже нешто околу ова. Тој изјави дека ќе ги имаат предвид и сите други големи настани што се ризик и каде би можело да има масовни собири, па ќе одлучуваат.
OhridNews