Денес во неколку дневни весници на македонски и на албански јазик објавен е конкурсот за попишувачи, реонски инструктори и комисии на пописен реон за претстојниот Попис на населението, домаќинства и станови кој ќе се спроведе од 1 до 15 октомври.

– Ги повикуваме граѓаните да се пријават на конкурсот. Конкурсот трае пет дена, а предвидено е за Пописот во 2011 да бидат ангажирани над 16.000 попишувачи, а во целокупната операција ќе бидат инволвирани околу 20.000 луѓе. Резултатите се очекува да бидат познати најдоцна пет дена по завршувањето на конкурсот, информира претседателката на Државната пописна комисија Весна Јаневска.

Во тек е и обука за државните инструктори во која ќе учествуваат 170 лица, кои понатаму ќе бидат задолжени да одржат обуки за реонските инструктори, кои во 44 одделни реони дефинирани во законот ќе треба да ја координираат работата.

Пописот на населението, домаќинствата и населението во Македонија ќе се одржи од 1 до 15 октомври откако претходно беше одложен од април годинава.

OhridNews