Деновиве се прават последните подготовки околу организацијата на првото издание на фестивалот „Piano Summer Ohrid“ кој ќе се одржува во Охрид од 17-ти до 27-ми август 2014 година.

Во рамки на фестивалот ќе се организира и Меѓународна летна академија за пијано која ќе биде под водство на истакнатиот германски пијанист и професор Клаус Шилде, со долгогодишно искуство на музичките академии во Берлин, Детмолд, Токио, Вајмар, воедно и претседател на музичката академија во Минхен кој се вбројува меѓу најбитните претставници на германската клавирска традиција.

На академијата свое учество ќе земат веќе етаблирани имиња на пијано сцената како што се Димитриј Романов од Русија, Хјун Сон Текин од Јужна Кореја, Масако Сакаи и Мику Нишимото од Јапонија, Зоран Имшировиќ од Босна и други пијанисти како и млади таленти од земјите од регионот. Меѓу учесниците на фестивалот има и професори од музички академии во Турција, Оман и Србија.

Покрај едукативните часови кои што ќе се одржуваат во просториите на музичкото училиште „Методи Патче“ во Охрид, секој ден ќе бидат организирани и вечерни концерти, на кои ќе настапуваат учесниците на академијата. Концертите ќе се одржуваат во салата на општина Охрид и на отворено во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“. За свеченото отворање и затворање на фестивалот се предвидени гала концерти, кои ќе се одржат во црквата „Света Софија“.

Како посебна атракција за љубителите на музиката ќе биде пијано маратонот кој ќе се одржи на 24-ти август на отворено, во центарот на Охрид, а на кој ќе настапуваат и специјални гости.

Исто така во склоп на фестивалот ќе се одржат и две предавања на музичка тема, кои ќе ги водат пијанистите Тимеа Шари од Унгарија и Марија Динов од Србија.

Организацијата на фестивалот е со поддршка на општина Охрид, Охридско лето, Концертниот сервис „Акритериум“ и голем број  поединци кои ја препознале вредноста на фестивалот и на свој начин допринеле во неговото реализирање.

OhridNews