Со вечерта на детски песни „Чунга Лунга“ утревечер во Охрид ќе започне 21. издание на фестивалот „Охрид фест-Охридски трубадури 2014”. Фестивалската сцена е веќе поставена на кејот во Охрид и се прават последните подготовки околу организација на фестивалот.
Во четврток на 21-ви август ќе се одржи фолк вечерта на која со свои песни ќе настапат врвни и реномирани македонски фолк ѕвезди како: Зуица Лазова, Петар Нечовски, Ирена Спасовска,Благоја Груевски, Јордан Митев, група Соната, Скопски Боеми и други фолк имиња. Освен домашни изведувачи во рамки на оваа фестивалска вечер ќе настапат и изведувачи од соседството како Стели Јорданова, Васил Влканов, Марија и Магдалена Филатови од Бугарија и Жарко Тимотијевиќ од Србија.
Вечерта на нови ѕвезди и оваа година како и претходната, на новите музички имиња од македонската забавна естрада им дава можност директно да се пласираат во Поп вечерта, која е закажана ден потоа, на 22-ри август. На неа ќе настапуваат дел од најпознатите македонски поп-рок ѕвезди од македонската забавна естрада како што се Ристо Самарџиев, Ѓоко Танески, Влатко Илиевски, Верица Пандиловска, Бени, Дејан Бобиќ – Дексо, Александар Белов, Биба Додева, Александра Јанева, Зои Блаж, Андреј Миске, Маја Вукичевиќ, Јана Бурчевска, Жармена и други.
Фестивалот ќе биде затворен со Интернационалната вечер во сабота на 23-ти август на која покрај домашните изведувачи и групи ќе настапат и неколку интернационални ѕвезди меѓу кои словенечката изведувачка Хелена Благне, Игор Цукров од Хрватска, Бојан Маровиќ од Црна Гора, Романа Паниќ од Србија, Надја Захор од Грција, Устата од Бугарија и Аристос Константину од Кипар.
Ексклузивните ТВ права за директен пренос на фестивалот ги има Македонската Радио Телевизија. Покрај МРТВ годинава за прв пат фестивалот ќе го пренесува и Турската радио телевизија, националниот сервис „ТРТ“, како и други странски телевизии, меѓу кои и националната „ТВ Шансона“ од Русија, „Коперникус“, „Свет +“ и „Белла амие“ од Србија, „Визион“ од Албанија, „Хајат Телевизија“ од Босна и Херцеговина, „З1 Телевизија“ од Хрватска, „Балканика“ од Бугарија, „Атлас“ од Црна Гора и други.
OhridNews