Дали хотелиерите и сопствениците на сместувачките капацитети во Охрид, ќе попуштаат под притисоците од страна на туристичките агенции и од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, за намалување на цените пред претстојната туристичка сезона.

-Цените на сместувачките капацитети во Охрид, во текот на целата година се исти. Ние апелиравме дека цените се многу високи и треба да се намалат, но ќе видиме дали тоа ќе се случи. Доколку не се намалат цените, се плашиме дека не ќе можеме многу да продадеме. На сите треба да им биде јасно дека најскапа соба е празната соба, а најскап кревет е празниот кревет“-вели Александар Чоневски од Туристичката стопанска комора.

Од Комората велат дека се прават напори цените да се намалат, односно за време на летната сезона да има едни цени, а во текот на зимската сезона тие да бидат значително пониски. “Не може во зима некој да плаќа само 100 денари пониска цена за кревет, кога во сите други туристички места цените на услугите се значително пониски вон сезона“, додава Чоневски.

Туристичките работници сметаат дека причината за високите цени е ограниченоста на хотелските капацитети, кои и во текот на годината, поради различни семинари што се одржуваат во овој град, се полни. Меѓутоа, тоа не им дава за право да држат високи цени во текот на целата година. Сопствениците на сместувачките капацитети и граѓаните на Охрид треба да сфатат дека не може од една туристичката сезона да живеат цела година.

Според Чоневски, соседните земји околу нас имаат горе-долу слични цени како Охрид, меѓутоа тие имаат море. Охрид не може да се споредува со Грција, Бугарија и Црна Гора, кои покрај морето имаат и подобра инфраструктура и поголема туристичка култура.

Многумина странски туристи, кои во изминатиот период ја посетија нашата земја, пред нивното заминување изјавуваа дека цените на туристичките услуги се скапи дури и за нивниот стандард. Тие не очекувале толку високи цени на хотелските услуги, бидејќи сметале дека Македонија се уште не е толку позната туристичка дестинација, за да биде толку скапа и надвор од туристичката сезона. 

-Во последниве неколку години многу се вложува во развој на туризмот. Со учеството на светските туристички саеми, рекламните спотови како туристичка дестинација која треба да се посети и носењето странски тур-оператори, придонесоа Македонија да стане сериозна туристичка земја. До пред три години никој не знаеше каде се наоѓа, а сега постигнавме едно повисоко ниво во туризмот и треба да се трудиме тоа да го задржиме- вели Арсение Јаневски од туристичката агенција “Компас“.

Според статистичките податоци, бројот на ноќевања лани беше зголемен за 2,2 насто во однос на претходната година, и беа реализирани над 600 илјади ноќевања. Најмногу ноќевања се регистрирани во Охрид – 1,4 милиони, од кои 247 илјади од туристи од надвор. Покрај гостите од нашите соседни земји, лани во Охрид можеа да се сретнат и туристи од Турција, Словенија, Хрватска, Германија, Австрија, Италија и Холандија.

-Предвидувањата за годинешната туристичка сезона се попозитивни од лани. Засега се најавени 500-600 туристи од Израел, а очекуваме гости и од Холандија, Австрија, Германија, Франција, Словенија, Холандија и Хрватска. Ќе се трудиме да донесеме што повеќе странски туристи во Македонија и да го направиме туризмот значајна гранка-додаде Јаневски.

OnridNews
Извор:”Бизнис 24″
www.biznis24.com.mk