ЈП „Билјанини Извори“ деновиве води интензивни преговори со компанијата „ЕВН-Макеоднија“, со цел да се изнајде решение на проблемот, во кој се најде претпријатието, откако му беше исклучена струјата за неплатен долг од 8,2 милиони денари.
Од управата на претпријатието информираат дека до сега биле остварени неколку средби со менаџментот на „ЕВН“, а целта на преговорите е да се најде решение со постигнување на договор за плаќање на долгот на рати.
-Веднаш од првиот ден кога „ЕВН“ не исклучи од напојување уплативме 150.000 денари, или тоа беше се што имавме на сметката. Од тогаш до сега постојано уплаќаме помали суми и долгот деновиве веќе ќе стане помал од 8 милиони денари, изјави за OhridNews, директорот на претпријатието Ристе Мишев.
Ставот на менаџменот на ЈП „Билјанини Извори“ е дека за овој проблем, „ЕВН“ нема никаква вина, бидејќи оваа компанија долги години имала толерантен став кон претприајтието, а долговите за струја мора да бидат подмирени.
Според информации од Општина Охрид, неплатените фактурите за електрична енергија, на ова претпријатие се од период од 2008 година до 2013 година.
– Во тој период не се уплаќале средства за потрошена електрична енергија или се уплаќале минимални суми од по неколку десетини илјади денари, додека просечно фактурите секој месец биле по околу 150.000 денари. Како резултат на ваквиот однос се насоберале милионските долгови. Од 2013, фактурите за електрична енергија се плаќаат со уплати секој тековен месец, информираат од Општина Охрид.
OhridNews