Се поголем број млади стануваат жртви на трговијата со луѓе, а досегашните резултати и искуства на центрите за социјална работа и статистичките податоци, укажуваат дека состојбата во Македонија е загрижувачка.
Ова беше истакнато на презентацијата на резултатите од проектот „ Трговија со Луѓе , Информација , Едукација , Превенција”, што се одржа денеска во Охрид.
Од 1 декември 2006 евидентирани се нови 23 потенцијални жртви на трговија со луѓе. Од нив 16 се малолетни на возраст од 10-18 години, но се стравува дека црната бројка е многу поголема, беше изнесено на конференцијата.
Проектот во изминатите 6 месеци заеднички го реализираа Младинскиот Совет од Охрид и Сојузот на жени Езерка од Струга. Целта на денешната конференција на која учествуваа претставници на судот, полицијата, центрите за социјални грижи, здравствени работници и експерти, беше да се уште еднаш актуелизира проблемот со Трговијата со луѓе која зема се поголем замав.
Проблемот е изразит во Охридско-струшкиот регион, вели Драгица Попоска, претседател на Сојузот на жени „Езерка“ од Струга. „Состојбата сега е поризична бидејќи Македонија веќе не е земја транзит, особено Охридско-струшкиот регион каде се почесто доаѓаат девојки од источна Македонија и кои сега работат под друго име како келнерки и масерки, што всушност е само параван“, вели Попоска.
Трговците се многу итри и постојано ги менуваат начините на заведување на жртвите, додава Попоска, која посочува дека ова зло тешко се искоренува но може да се делува на намалување на трговијата со луѓе за што е потребна поширока општествена акција.
Оттаму невладините организации сметат дека во иднина потребно е поголемо информирање на граѓаните и подигнување на јавната свест за постоење на трговија со луѓе; Поголема соработка и координирана размена на информации меѓу невладините и државни институции; Поголема транспарентност во работата на Центрите за социјална работа и поголема едукација на деца од најрана возраст.
Г. Момироски