Високите температури кои периодов ја зафатија територијата на нашата држава, носат зголемена опасност од настанување на пожари на отворен простор и шумски пожари. Во оваа насока и ЈУНП Галичица апелира на внимателност при однесување во природа и почитување на препораките.

Мора да се грижиме за природата и да внимаваме како се однесуваме. Според нашето искуство со секоја година како одминува се повеќе се почитуваат препораки кои ги укажуваме како мерки за превенција за заштита од појава на пожари, вели Наумче Новески, раководител на Одделение за одржливо користење на природните ресурси при ЈУНП Галичица.

Посочува дека чуварската служба паралелно со редовните обврски врши и контрола на територијата на паркот за состојбата.

Има неколку точки во паркот од каде контролата е олеснета од каде може да се контролира територија на паркот која не е видлива од подножјето на паркот. Исто така, се прават и вонредни контроли после пладне до почетокот на мракот кога при евентуална појава на пожар лесно ќе се забележи. При вршење на редовните задачи како и вонредните контроли секое теренско возило е опремено со опрема за првична реакција при евентуална појава на пожар. Против оние кои нема да ја почитуваат оваа препорака чуварската служба превзема мерки согласно законот.

Според досегашното искуство што го имаме стекнато во оваа проблематика, истакнува Новески, човекот е пресуден фактор за појава на пожар од немарност, но најчесто се работи и за подметнување.

Потенцира дека поради зголемена опасност од појава на пожар во летниот период како и според Закон за
шуми, забрането е палење на оган, фрлање на догорчиња и други причинители на пожари на отворен простор.

Во границите на паркот постојат две излетнички места, м.в. Корита и м.в. Јадера каде е уредено и дозволено палење оган односно правење скара. При подолг период на високи температури се забранува палење на оган и на места на кои иначе се означени за тоа. Строго е забрането палење на стрништата, плевели и други одпадоци. Kазната за ваква активност изнесува 6000-8000 евра за правни лица, а 1500 – 3000 евра за физичко лице, додава Новески.

При предизвикување на пожар, вели, се процесира пријава до МВР Охрид од каде се преземаат казнени мерки преку Основен суд Охрид.

Н.С.Ј.